Цитати: „É isso aí“ – Јаневска Марија

Image

Карактер кој ме освои. Дланки полни со љубов. Приказна која посакав да е само моја. Прегратка празна на која љубоморно помислувам. А не признавам. Страв. Сомнеж. Недоверба. Непознат терен од кој несвесно бегам, а не сакам. Премногу непоставени прашања, кои нема да се осмелам да ги изговорам. Неговите очи во мојот поглед. Обострана желба, иста приказна. Милион неизговорени зборови кои не ми даваат мир.

А кој не проколнал? Кој ни ги напишал приказните на различна страна? А ни дал љубов во очите. Ни дал тремеж во срцето. Ни дал копнеж за чувства. Ни дал четка и две бои. Црна и Бела. Третата се добива кога двете четки ќе ги здружат сликите. Онаа топла боја од која навечер не можеш да заспиеш. Топла боја од која несвесно цел ден се врткаш насмеан помислувајќи на таа една личност. Не ја знаеш причината, а толку многу се заљубуваш во својата насмевка. Дури и образите те болат, а сепак ја сакаш. Гладно во себе ја голташ таа личност со поглед. Тоа и само можеш. Милост. Топлина. Страст која гори во тебе. Идеалистично истрауматизирана состојба која ти создава спомени. Непобитни спомени.

Поглед. Климнување со глава. Скриени искри во очите. И невидлива препрека. Ах, а тие невидливи препреки. Посилни од нож на грло. Клише кое те убива. Граници кои сакаш да ги избришеш со гума, а тие се напишани со пенкало. Истетовирани директно на чистиот образ. Посакуваш неморално да се разбудиш. Да кренеш побуна.

И да се заљубиш.

„Eu não sei parar de te olhar.
Далеку во нашиот нереален свет.
Нашата приказната постои.“

– Јаневска Марија, 2013