Напишете коментар

Цитати: „Моето име е приказна“ – Јаневска Марија

ImageБеше 1 октомври. Имав 52 години, еден брак и три прекрасни деца. Две внучиња, една мачка и неколку издадени книги. Беше денот кога решив да ја оставам зад себе последната книга и да се повлечам од јавноста. Утрото пристигнав во Скопје. Се` уште не беше осветлено, сонцето почнуваше да изгрева, ама времето беше облачно. Некои ретки сиви облаци тук таму. Сакав промоцијата да биде на истото место каде и почнав со првата книга. Знам дека го избегнував Скопје, ама тука секој ќош имаше свои приказни, а јас решив дека ќе заборавам. Сите тие приказни местото си го најдоа во секоја од книгите и ми донесоа повеќе среќа одошто тага. Знаев како да ги контролирам сеќавањата кога бев далеку од местото на злосторот. Побарав и од децата и од Антонио да дојдам сама и сама да завршам. Глумев возбудена, а некако се` што чувствував беше страв. Кога заминав од Скопје, бегајќи од спомените мислев дека сум завршила работа, ама инспирацијата и секоја нова книга ме потсетуваше дека секој ден од мене е спомен на една љубов. Моето лице секогаш портретираше рамнодушност и ме опишуваше како вљубена сопруга и мајка на три деца со едноставно очигледен талент за пишување. А ништо никогаш не било толку едноставно. Пишувањето беше она што ми остана од минатото.
Во 11 часот конечно смогнав сили и излегов од хотелската соба. Косата ја сплетов во лабава плетенка од страна, облеков црна ролка и класични пантолани во боја на какао. Црните очила ми ги сокриваа црвенилата од очите, а чадорот ми беше дополнителна фиктивна одбрана. Врнеше полека, но претпоставував дека ќе се претвори во пороен дожд. Јасно ми беше. Ништо не е случајно. Менаџерите ми понудија превоз до музејот , но одбив. Веднаш преку патот стигнав до еден пролаз кој водеше до строгиот центар веднаш кај Рекорд. Имаше некои лимени огради како и од секогаш. Во Скопје секогаш нешто се гради. Полека ги заобиколив и се обидов одејќи низ градов да не се сеќавам на ништо. Да завршам со спомените и да си заминам. Овој пат мојот живот ќе беше навистина едноставен. Сонував за тоа. 
По неколку минути одење стигнав до музејот. Веднаш штом го видов сет тој народ, заборавив на сите грижи. Тие насмевки на читателите ми носеа елан и желба за повторно да напишам нешто ново, макар да е тоа и дел кој ќе го откинам од мене. Од како влегов низ големиот хол и седнав на столчето позади масивната дрвена маса каде што требаше да ги потпишувам книгите, погледнувајќи си ја косата која ја фатила сета влага сфатив дека добро направив што ја сплетов. За некоја минута вратите се затворија и сите се насобраа во еден круг во холот. Го повлеков микрофонот и ги кажав последните зборови. „ Ова е последниот дел од мене за вас. Приказната завршува овде во Скопје. А јас продолжувам.“ 
Со секој збор некој трепет во мене ми носеше сигурност и желба за сето тоа побрзо да заврши. Овој пат пред мене побарав да стават столче од другата страна на масата. Секогаш се соживував со читателите и со самиот поглед како да ми раскажуваа цела приказна. Со секоја посвета како да давав дел од мене. Стануваа и седнуваа, еден по еден.
Во еден момент се завртев да побарам чаша вода и уште неколку книги кои веќе беа при крај на број. Кога се свртев повеќе Скопје не беше само град. Пред мене стоеја едни црни очи во кои го видов моето Скопје. Се вратив во 1984 година, додека дождот се повеќе ломотеше по стаклата на музејот. Застанав со книгата во рака и наеднаш целата просторија, целиот хол беше празен. Тие збрчкани очи беа истите, колку и да беше таа брада посивена. Останав немо загледана. Сите оние делчиња од сеќавањата кои летаа околу мене без да си го знаат своето место сега совршено се наредија. Погледот му беше закован за мене. Тоа беа очи полни живот. Не знаеше што бараше, само знаеше дека сакаше да се врати назад и само за момент да биде цел. Јас цел живот бегав и пишував. 30 години пишував. Секогаш низ мислите спомените ми стоеја како окови и кога ќе ги ставев на лист хартија можев повторно да живеам за кратко. Сега знаев дека нема бегање. Гледајќи така во него, се видов себе си пред 30 години, тогаш кога нешто ме натера да почнам да пишувам, нешто ме проколна цел живот да пишувам. Сега се вратив за да престанам и да завршам со оваа шпанска серија. Зјапајќи така немо осетив кога неколку солзи ми се слизнаа по образите, додека фотоапаратите штракаа околу мене. Со сите сили ја подадов раката и трепнав. Уште повеќе солзи протекоа, ама јас бев слободна. Ми ја фати раката и климна благо додека очите му се преполнуваа со солзи. 
„Знам“ – рече тивко тешејќи ме. Ја пуштив таа рака повторно и ја отворив книгата. 
„Ти благодарам“ – запишав и ја напишав годината 1984. Му ја подадов не можејќи да го погледнам во очи и додека гледав во празната дрвена маса пред мене го слушав шкртото поместување на столчето. Солзите течеа, но знаев дека ќе запрат. Додека седнуваше друг на столот пред мене, во холот владееше неверојатна тишина, а јас можев да му ги слушнам чекорите кои заминуваа повторно од мојот живот. Ја поткренав главата и единствено што видов е пат низ толпата, врата која се затвараше и спомени. И да. Јас, тој и Скопје во една далечна 1984. И тогаш знев дека нема крај. 

Моето име е Лена Равинска и целиот мој живот беше приказна. 

– Јаневска Марија, 2013
http://www.youtube.com/watch?feature=player_embedded&v=OS0Tg0IjCp4

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: