2 Коментари

Прво официјално интервју – ТЕА Модерна

ImageЗа сите мои читатели:

Со вашата љубов ме направивте горди.
Во прилог ви го постирам првото официјално интервју за „Белешките на Лајла Грејс“!

ТЕА Модерна

Пишува: Ивана Тасев

Фотографии: Јанус

Љубовта е главна тема во нејзините колумни, приказни, новели… како сакате. Иако оваа млада дама има само 20 години, нејзините приказни немаат допир со инфантилното, напротив, нејзините пивки, но едновремено длабоки анализи, искази, интроспекции, коментари, исповеди…  можат да го заинтригираат секој читател без оглед на возраста. Марија е амбициозна, самоуверена девојка, која точно знае што сака.

Кога се освести во вас потребата за пишување?

– Пишувам од кога знам за себе, пишувам од кога научив да пишувам. Веројатно на почетокот тоа беа неповрзани песнички и текстчиња, меѓутоа со тек на време си добиваа извесен карактеристичен психолошки профил. Постепено сфатив дека пишувањето ми беше потреба со која се празнев самата себе од позитивните и негативните емоции кои веројатно не сакав да ги прикажам пред јавноста. Тоа што се` ставав на лист хартија ме правеше стабилна, силна личност која има контрола врз своите емоции и знае како да се насочи во животот.

На почетокот сте пишувале само и само за себе, за потоа Ваш другар да Ве охрабри да направите блог, преку кој јавно ќе ги споделите вашите зборови?

– Да, никогаш идејата не ми беше моите текстови да излезат во јавност. Моите најблиски од секогаш знаеја дека пишувам, дека тоа ми е секојдневие и дека кога пишувам тоа е процес во кој никој не смее да ме прекинува. Како еден вид на медитација. Неколку најблиски другарки и другари имаа прочитано неколку текстови, но некако себично тоа задоволство си го оставав само за себе, се` додека минатата година не ме убедија да споделам неколку текстови на еден блог и да видам каков фидбек ќе има тоа.

И…? Какви беа првичните реакции?

– Првичните реакции од нигде никаде, беа исклучително позитивни. За неполн месец блогот нагло се испопуларизира летово. Среќавав мои цитати потпишани под името Лајла Грејс и коментарите за нив беа нешто на што премногу се радував. Уште повеќе ме правеше среќна што Белешките на Лајла Грејс постепено стана секојдневие на читателите. Всушност, мислам дека популарноста дојде од фактот дека многумина се пронаоѓаа во текстовите. Признанијата за моите дела беа нешто кое што ме мотивираше да постирам почесто и повеќе.

 ПОПУЛАРНОСТ ЗА КУСО ВРЕМЕ

За кусо време направивте и фан пејџ на Фејсбук, кој денес илјадници лајкови коментари со воодушевување и поддршка за вашата работа. Кои се најкарактеристичните коментари кои ги имате досега добиено?

– Па, има неколку кои ми останале во сеќавањата. Меѓу првите кои никогаш нема да ги заборавам е коментарот на Ива под мојот цитат каде ме опишува како „Женско есперанто М – нетипична појава Macedonia-wide“. Со оглед на тоа што како и многу девојки сум голем обожавател на Кери Бредшо, коментарите кои ме ставаа во рангот на Балашевиќ и коментарите од типот на „македонската Кери Бредшо“ ми беа големо охрабрување и ме носеа на една поинаква страна на авторството. Од друга страна, како поминуваше време сфаќав дека не ме читаат само млади девојки/момци или тинејџери, туку и повозрасни жени кои се пронаоѓаат на истиот начин.

Во прво време се потпишувавте под псевдонимот Лајла Грејс, денес веќе се имате сосема демистифицирано…. Зошто? 

– Сакав објективна оцена. Сакав читателите да добијат една карактеристична слика и да го препознаваат моето пишување. Целта не ми беше популарноста, целта ми беше да создадам бренд на пишување. Лајла Грејс е моето алтер его. Да, вистина е дека сликата за мене се смени во моментот кога се појавив, надевајќи се на иднина како писател. Кога решив да излезам во јавноста под своето вистинско име, Јаневска Марија, како автор кој стои зад Белешките на Лајла Грејс, знаев дека цената на изложувањето во јавноста е висока, но искрените признанија се најголемото богатство.

ЉУБОВТА КАКО ГЛАВЕН СТОЖЕР 

Приказните во вашите белешки се своевиден психолошки пресек на луѓето. Тие се длабоки, искрени, чувствени, отворени, интроспективни, најчесто врзани со љубовта, онаа чистата, искрената, со губењето, понекогаш со тагата, суетата… Кои се скриените пораки кои тие ги носат во себе?

– Пораките се едноставни. Сите ние поминуваме низ бродоломни искуства и се бориме за љубов, колку и да не го признаваме тоа. Но треба да знаеме да признаеме и да бидеме силни. Постои една виетнамска поговорка “Gần mực thì đen, gần đèn thì sáng” која вели „Ако си опкружен со мрак, ќе бидеш темнина. Ако си блиску до светлината, ќе блескаш силно.“ Мојата порака е „Следете ја светлината“.

 Дали текстовите се артикулација на вашата искуствена реалност или пак се сосема измислени настани, љубови, релации…?

– Настаните не се вистински. Односно, тие се вистински во секој можен поглед, но јас им го сменив крајот или дури можеби и самиот почеток. Ликовите во вистинскиот живот можеби не заслужија така да завршат, некои можеби завршиле, а останатите се можеби само моја илузија. Приказните се и мои и сечии. После се`, јас најдов начин како да ги раскажам приказните, онака како што јас сакав да завршат. Инспирацијата сепак доаѓа само по себе.

КОМЕНТАРИТЕ ЈА ЧЕЛИЧАТ 

Од каде една дваесет годишна скопјанка ја црпи храброста за вакво „соголување“ пред јавноста?

– Хм, па всушност храброст е нештото кое треба да го имаме за да ги поднесеме негативните критики, претпоставувам. Затоа и ретко кој се решава на „соголување“ пред јавноста. По изложувањето во јавноста и фидбекот, станав личност која има тотална контрола врз себе. Имаше негативни коментари, иако ретки, но јас секако не заборавам да ги споменам. Не ме плашат, тие ми се најважни, ме челичат како личност. Тие се оние што ме натераа да пораснам во моето размислување како писател. Негативните коментари се циглите кои ја градат мојата писателска кариера.

Добивате ли покани од веб порталите и печатените медиуми да пишувате за нив?

– Да, многу, многу понуди, но сепак сметам дека новинар и писател се две различни професии. Јас пишувам под инспирација, под импресија и не можам да работам по нарачка и со дедлајн. Сум се обидела, но едноставно, така моите текстови веќе ја губат вредноста. Од друга страна Белешките се мој авторски опус, бренд кој ме опишува и сакам да се развивам во таа насока.

Размислувате ли овие приказни еден ден да ги претопите во печатено издание?

– Многу пати и веќе се зацртани неколку идеи. Едната е збирка од сите досегашни публикации на блогот и фан страната, а другата е роман кој паралелно го пишувам веќе две години. Работам на него, но со оглед на мојата опсесија кон перфекционизмот, се некако мислам дека не е готов. Веројатно до летово, сериозно ќе одлучам за дата за официјалните премиерни објавувања во јавноста на збирката и романот. Во секој случај, семејството ми е најголемата подршка.

И кој всушност се крие зад Лајла Грејс? Како би се опишале себеси?

– Мислам дека сум комплексна личност. Постојат неспоиви делови во мене. Од една страна сум девојка која знае да напише добра приказна и знае да биде емотивна и романтична. Од друга страна сум фармацевт кој е опседнат со лабораториска пракса, книги и задржување на високиот просек. Но, тука е и онаа девојка во мене која е неуморна од забава и дружење, останување до раните утрински часови за време на викендите и девојка која обожава да биде заљубена.

ФАРМАЦИЈАТА – ВТОРА ЉУБОВ 

Студентка сте на Факултетот за Фармациja. До каде сте со студиите?

– Фармацијата е мојата втора љубов и моментално сум при крај на втората година од студиите на петгодишната програма – Магистер по Фармација. Тешка професија која бара премногу откажување и целосно посветување, многу часови поминати над книга и денови поминати во лабораторија. Но имам голема желба да станам експерт во тоа поле и можеби некогаш да допринесам за човештвото со развој на некој нов лек или нова фармакотерапија. Се` што е потребно е посветеност и љубов кон лабораторијата.

Кога не подготвувате испити и кога го ставате перото на пауза што сака да прави една млада девојка како вас? Како го пополнувате слободното време?

– Искрено ретко се наоѓа слободно време. Тоа најчесто е за време на летниот период. Во слободно време се обидувам да си го надокнадам времето со моите другарки и другари. Ми недостига повеќе време со моето семејство, но факултетот има стриктен распоред на предавања и практична настава, а од друга страна тука е блогот. Најчесто ми недостига кафето со мајка ми кое би сакала да биде почесто, но тука се неделните семејни ручеци, па некако се` се совпаѓа. Понекогаш се` обидувам да најдам време и да прочитам по некоја добра книга, а за време на летото се навраќам на својата пасија, цртањето графика, најчесто портрети. Навистина би сакала да имам повеќе време, но со добра организација има време за се`.

Во какви друштва движите, каков ви е концептот на социјализирање, каква музика Ви лежи на срце?

– Мислам дека ме опишуваат како лесно прилагодлива личност, комуникативна и отворена, без предрасуди. Затоа мислам дека никогаш не сум имала проблем во однос на социјализирањето. Всушност од секогаш сум велела дека малку ми се 24 часа во денот, дека денот ми е краток.  Најчесто сакам да се напијам по некое кафе со другарките во Хепи, Тренд или Ред Кафе. За поголема дружба тука се и саботните вечери во Чао и ручеците во Арабеска со по некоја чаша црвено вино. И покрај сите проблеми и немањето време, никогаш не заборавам да се потсетам дека животот е убав.

2 comments on “Прво официјално интервју – ТЕА Модерна

  1. Леле те обожавам напросто.. Извесно време го читам твојот блог и со нетрпение ги очекував новите текстови кои конечно стасаа🙂 Продолжи да бидеш своја и ти посакувам многу среќа

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: