2 Коментари

Цитати: „Ни црвено вино за крај“ – Јаневска Марија

Image

„Таа вечер се возеше во автомобилот. Рамномерно дишеше. Го слушаше тропотот на своето срце кое полека биеше, но немаше ништо експлицитно во него. Беше чудно. Нејзините движења на воланот беа смирени, нормални, дури и малку флегматични. На семафорот поспано ги протрља очите, кога виде дека засветка екранот на телефонот кој беше фрлен на седиштето до неа. – Оф, уште е на сајлент.
– Кажи! – заповеда тивко, но се` уште ни промена во ритамот на срцето. – Каде си?! – закреска збунето. – Аха. Во ред. Каде да дојдам? Не, не знам кај е тоа. Не е битно. Кај да паркирам? – праша здодевно. – Те гледам. Ќе возам позади тебе. – и го притисна иритирачки црвеното копче на екранот, фрлајќи го мобилниот повторно на седиштето. Возеше по неговиот автомобил пред неа, се` до еден паркинг. Всушност не беше класичен паркинг, беше добро осветлена катна гаража. Возеше низ рампата по него, зема билет и паркираше на првиот кат. Излезе од колата, се симна и застана на улицата чекајќи го. Времето беше смрзнувачки ладно. Но, не ја мачеше ладното, туку чудното чувство на она „сеедно“ во неа. Немаше ниту тахикардија, нити забрзано дишење, ниту петелчење. Беше како едно обично попладне, а таа се смрзнува пред една обична катна гаража. Добро де. Не беше обична. Беше осветлена. И нова.
– Одиме? – праша кога стигна пред неа. 
– Мхм. – прошепоте таа и мрзливо ги завлече нозете кон кафичот. Влегоа во кафулето, најдоа масичка која беше веднаш под една грејка. Таа нарача чај и се обви со ќебенцето. Тој го нарача она исто класично негово макијато со ладно млеко. И таа се зајури со погледот во макијатото барајќи емоции, евоцирајќи сеќавања. Ама немаше ништо. Го погледна длабоко во очите како да се надеваше на некоја искра во стомакот, ама ништо. Се намршти поспано сама на себе и ги избрка мислите отпивајќи од чајот. Чајот од шумско овошје малку и ги растера сериозно загрижените мисли, па многу детски помисли на црвено вино. Можеби тоа ќе ја вратеше назад во нивната приказна во која таа толку многу беше заљубена. – Глупости. – ја прекори совеста. – Како малине деца, ај сега земи па пиј. Ја разниша главата уште неколку пати и го фиксираше погледот на неговите груби дланки. Го набљудуваше како ја извлекува брзо цигарата од црната кутија на чиј бренд не и текнуваше и полека шкрапнувајќи го упаљачот ја запали. Зема дим, а потоа проговори. – И, што ти текна да ме викнеш на кафе после шест миљарди месеци? – праша самоуверено. Како само си ги врти муабетите и ситуациите. Очаен е за внимание и контрола. И се згади. За прв пат во животот човекот што толку многу го сакаше почна да и станува одвратен. Одби да се однесува така и се насмевна мило и поспано. – Па, не сме скарани. 
– Не сме. Имаш право. – се насмевна иронично. Всушност таа одби да гае емоции на омраза кон некои стари спомени кои толку многу ги сакаше. Продолжи да одбива на тие мисли кои ја правеа строг огорчен човек и продолжи шеговито да се навраќа на некои стари спомени, на нејзините пијанства во негово присуство, на деновите кога останувале до раните утрински часови и застанаа на она едно вино, за кое тој ја задеваше постојано дека цело го испила. 
– Ама нели се сеќаваш? Едно беше. Едно вино. Два дена. А и не беше допиено. – почна да се смее на глупостите кои ги правеле заедно. 
– Па не се сеќавам. Не пиеш само ти вино. – иронично насмеан, тивко промрмори алудирајќи на други девојки. 
– Што? – праша збунето додека цревата и звриваа.
– Ништо. Ништо. – И тука повторно. Она гадливо чувство. Некоја страна од него која толку многу ја одбиваше. Овој пат ја надвладеа. Одвратно. Одвратно. Сакаше само да побегне од него што побрзо. Не можеше да помисли дека некогаш го сакала истиот човек. И дека можеби уште го сака.
– Извини. Морам до вц. – стана и одмаршира полека, неприметно. Како да ништо не се случило. Застана пред огледалото. Се загледа во црните зеници длабоко. Очите не и се насолзуваа. Срцето и биеше еднакво. Рамномерно. Вдиша длабоко. – Нема поента! Готово е! Нема потреба да се вртиш во круг! – закреска она гласче во неа. Ги избрка мислите, ја спушти брадата и ја заниша полека во неверување. Кога повторно се погледна, изразот повторно го разбуди она гласче. – Зар не го посакуваше ова? Седа си слободна! Таа љубов ти стана сеедно. Спомени! Само спомени! Летај! Цело небо е твое! – Ја дофати рачката од вратата и сигурно излезе. Подзастана од далеку и погледна кон масата. Беше завртен во профил. Куцаше нешто по телефонот. И се насолзија очите. Не. Не. Не беше тажна затоа што го сакаше. – Зар конечно сфати? Фала богу! – Таа не беше веќе заљубена во него. Таа беше заљубена во приказната која сама си ја состави во глава. Сфати дека нејзината мила љубов всушност не е тој што си го креирала во глава. Одвратните вртлози повторно и проструеја низ стомакот. Како ѕвонче. Ја врати во реалноста. Се врати на место. Нарача кафе и го испи бргу. Мислите конечно и дојдоа на место. Се обиде да ја задржи на кафе околу два часа. Му парираше со разговорот и со темите. Се потруди да изгледа како да е се` сосема нормално меѓу нив двајца и длабоко дишеше.
Кога станаа, таа знаеше каков е крајот. Се` едно и беше од која страна ќе кружат до катната гаража и дали ќе се влечат до таму пола саат или ќе се шмугнат по ладново за две секунди. Толку и беше сеедно што влезе во автомобилот и изусти само едно добра ноќ. Немаше ракување, немаше насмевка, немаше ништо. Една ладнокрвност прв пат проструи меѓу нив. Беше малу запрепастен. Или можеби не. Не и беше ни битно. Го запали моторот и побрза да излезе пред него. Заврте од другата страна на катната гаража. Отиде по подолгиот пат. Сакаше да остане малку сама во колата. Малку подолго. Го вклучи радиото. Новата песна од Тоше. Све је ово премало за крај. – Ма све ми е таман! Конечно! – помисли и се насмевна задоволно. Олеснувањето и го смируваше дишењето и носеше една оѕарена насмевка. Едно чувство како што туку да станала Херкулес. Се ослободила од тие невидливи окови кои и ги носеа сеќавањата од нивната љубов. Сега испари. Јасно и беше. За ништо не се каеше. Кругот се сврти. Искреноста се исплатеше и сфати дека некои одлуки во животот се направени за да ни го скршат срцето за наше добро.
Да заборавиш, значи да се сеќаваш без болка. А ова беше и повеќе од тоа. 
Се насмевна. Конечно слободна. – Слободна од сеќавањата!
И не, не и требаше ништо. 
Ма не, ни црвено вино.“

– Јаневска Марија, 2013

2 comments on “Цитати: „Ни црвено вино за крај“ – Јаневска Марија

  1. Многу често луѓето ги ставаме на пиедестал а потоа се разочаруваме кога ќе не врати во реалноста сознанието за нивната просечност. Истото важи и за врските. Веруваме во љубовта која не постои, дали затоа што посакуваме да постои или самите пред себе се оправдуваме зашто се’ уште се вртиме во круг со истата личност кога потсвесно знаеме дека возиме по слепа улица, не би можела да кажам. Единственото нешто што го знам со сигурност е дека не треба да бидеш со некого единствено затоа што се плашиш да бидеш сам.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: