Напишете коментар

Човечки везулки

Image

Тоа утро размислував дали вреди да се откажам од Лендон за некој како Кристијан,  за некој што не знае да љуби. Се прашував што сака сега кога веќе престанав да се борам, кога веќе се откажав од неговото срце. Се облеков најтопло што можев и излегов на врнежливото време.

Лондон беше прекрасен – разнобојни шаренолики чадорчиња ги красеа главите на лондончаните. Некој брзаше на работа, друг беше излегол на едно утринско кафе, а трет уживаше во несекојдневниот дожд.  Ова утро тоа беше еден карактеристичен крупен дожд, како врели џамлии кои се тркалаа во сад со вода. Дожд кој во себе носеше топли чувства – тоа беше поинаков дожд, дожд топол, кој навестува сонце, навестува насмевки  – ја навестуваше пролетта. Иако Лондон беше честопати дождлив, овде научив дека дождот не е само дожд, дека дождот не носи само тага.  Овде научив да ги диференцирам различните дождливи денови, бидејќи секој од нив носеше екцентрични емоции, воздивнувања од минувачите , различни  расположенија кој ги исполнуваа уличките, разни изрази на воздржаните лица на англичаните. Не ја знаев причината поради која го обожавав Лондон – поминувајќи секојдневно покрај старата кафетерија до книжарницата на аголот , заклучував дека така прекрасно мириса само едно утринско кафе во Лондон. Повторно со истата мисла дека сум во Лондон, на лицето ми се оѕари нова насмевка која носеше една искра надеж, што за мене беше повеќе од доволно.

– ‘Morning Anna – реков кога при моето влегување заѕвечка ѕвончето од старата средновековна дрвена врата.

– ‘Morning sunshine, how’s the day? Beautiful isn’t it? – праша постојано насмеаната девојка на шалтерот. Климнав насмевнувајќи се и си седнав на моето место , на терасата која беше целата опколена со стаклени прозорци од горе до долу, а малите дождовни капки ги беа сториле еднобоен витраж.

– Исто како и вообичаено, зар не?  – постави едно реторичко прашање знаејќи дека никогаш не порачувам кафе, иако тоа беше “Кафетерија”.

– А, не… нека биде денес едно јако еспресо – никако не можам да се разбудам.

Беше чудно од мене, но претстојните мисли како извиулени се натопоруваа на сите ќошиња од моментот – не ми даваа мира, иако си ветив дека ќе престанам со длабоките размислувања за доброто на моето најмило. Бесцелно… Кристијан постојано создаваше енигми, раскопуваше нови бразди полни проблеми во срцево кое се трудев да го задржам врзано во една расцепкана рамнодушност, која никогаш немаше да биде совршена.

Не знаеше да понуди љубов каква што посакував, а не се откажуваше од мене. Како да се плашеше дека ќе му го заробам срцето, ќе му го затворам некаде скриено во мене, а потоа ладнокрвно ќе го отфрлам, па беше некако смешно ладен. Сепак, премногу себично се осмелуваше да се плаши да не ме загуби. Интригантни беа овие човечки везулки – се прашував зошто тогаш постоиме и што ќе ни е срцето кога постојано се плашиме да го подариме и безрезервно да се заљубиме. Спонтаните бакнежи беа како изгубени во дното на најдлабокиот океан – тмурно, неосетно, како повеќе да ги немаше во моите сеќавања.  Ги барав , нерасипано и сеуште детски чисто , но немаше ни тага од нив. Ме болеше самата помисла и ме гушеше секој спомен на таа расипана, расцепкана , скриена, интригантна, предодредена, смислена, резервирана, тактизирана, блудничка игра каде победникот добива едно парче, една вечер, едночасовна страст – смешно крстена љубов… Далеку беа деновите кога спонтаността градеше една нишка од спокојството родено од страста  – едно чудно чувство кое те прави најсигурен човек на светот.

–          Тој е научен на забава, тој не знае сеуште да љуби. – велеше Неси при секој мој одлутан поглед кон него. – Премногу девојки поминале низ неговиот кревет мила, немој да бидеш една од нив. Немој да велиш нема! Немој! Знаеш дека тој нема да го цени она што ти искрено му го нудиш – тој е премногу добар со сите девојки – тоа е Кристијан, darling, јас го пораснав, тој нема да се смени!

Си мислев дека се би било поинаку да не постоеше оваа бременост. Велат “плодот на љубовта”, што мене често ме асоцираше на иронија, па го прекрстував како “плод на една еднострана љубов”, “плод на една страст”, колку и да беше измачувачки тешко тоа… Се присетив колку тешко ми беше кога побара да му кажам дека не го сакам. Зборовите како да ги тегнев од душава со сила. Знаев дека лажам и дека тие негови прегратки никогаш не ќе можам да ги заборавам. Тие прекрасни, остри бодежи во стомакот кога ме бакнуваше, чинев цел свет го имав само за себе, тогаш… Како адреналински зависник нестрпливо го чекав секој негов бакнеж, врелината на неговите усни и немирните бранувања во стомакот кои како прекрасни електрични шокови стигнуваа се до срцето , разгранувајќи слатки морници по целото тело. Тешко ми беше да ги смирам пеперутките во стомакот кога веќе еднаш се навикнав на нив.

Не можев да поверувам дека после се` моето срце не ја научи лекцијата од моето минато.

 

 

– Јаневска Марија, 2010

(извадок од книгата Белешките на Лајла Грејс)

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: