2 Коментари

Бегството во Дербришајр

ImageТаа недела се чувствував конечно безгрижна, конечно опуштена, конечно можев да се смирам и да не се грижам дали некој ќе ми замери за замисленоста и тагата во моите очи. Дејна беше и онака премногу зафатена со скорешниот празник – очекуваа многу туристи, па собите мораа да бидат во совршен ред. За прв пат се спакував лесно, не ми беше грижа за дотерување. Од двете торби, поголемата беше преполна со книги – ја испразнив едната полица од спалната, онаа со омилените дела. Понекогаш единствено тоа можеше да ме натера да заборавам макар за момент.

Дејна ми отстапила огрмона спална со поглед кон езерото , но не можев тоа да го прифатам. Сезоната и` беше на прагот, па не можев да бидам рамнодушна и туку така да отседнам во соба која би можела да и донесе повеќе од 100 фунти на ноќевање. Ја замолив да ми дозволи да ја земам гостинската до стаклената соба. Иако се расправаше дека тоа не била соба за мене, туку за слугите, и` ветив дека ќе ја средам и дека ќе купам нови постелнини, па некако се смири и ме остави да се вдомам во тоа мало катче со прекрасен зелен поглед. Сакав големи, пространи соби кои ликуваат луксуз, кои пленат со сјај, со шарм, но овој пат се` повеќе сакав да се чувствувам невидлива.

Малиот Габриел се мачеше да влече макар една моја торба ,која неколку пати се обидов да му ја земам од раце, со цел да добие бакшиш. Па го напоив со некоја фунта и чоколатце колку да си замине. Ги фрлив торбите на креветот и ја затворив белата дрвена врата која гледаше кон стаклената соба – погледот беше неверојатен, но ми требаше мир. Седнав на коленици на креветот кој се` уште немаше постелнина и го отворив ширум прозорецот кој беше цврсто заклештен во своите рамки . Веројатно долго време не бил отворен, затоа што собулето малку мирисаше на стоено, но сепак беше чисто. Се наведнав на рамката на прозорецот вдишувајќи над љубичиците кои Дејна ги поставила на дрвеното постоље и се потсетив на мама. На нејзините кујнски љубичици и на вниманието кое забораваше да им го посвети. Се завртив, се потпрев на отворениот прозорец и се замислив гледајќи бледо. Ми требаше подолго од обично да се свестам, се сепнав, па наеднаш рипнав во место и се фрлив на распакување.

Но, и таа мисла за распакување не траеше долго. Само што ја отворив торбата со книги, залутав кон познатите натписи и почнав да ги вртам страните и да ги препознавам зборовите на Стефани Мејер кои ги знаев напамет. Ги собрав првите три книги и ја напуштив собата со нераспакуваните торби на душекот без постелнина. Слабо ја треснав вратата и немо ја напуштив стаклената соба. Зачекорив во дворот и некаде кон шталите седнав крај едни борови, доволно далеку за да не може никој да ми засмета. Зачудувачки, но Дербришајр беше прилично топол, за разлика од Лондон, па не ми требаше ветровка, ниту кардиган. Седнав на тревата и читајќи легнав, како да бев дома. Читав и читав. Низ зборовите го чувствував реткото сонце во Форкс на кое му се радуваше Бела, се восхитував на дијамантскиот одблесок од Едвардовото тело како мермерна статуа. И одлетав како и секогаш. Потоа преминав на Бронте, се преплашував и се заљубував истовремено во јаглениот поглед на Хитклиф кој беше проткајан низ тие нејзини зборови напишани толку уметнички совршено на староанглиски. А потоа и љубоморев на Кетрин и на сета љубов која постоела само за нејзиното срце, дури и кога повеќе не одекнувало живот. Се чудев на успехот на Шевалие да напише толку беспрекорен фактогравски роман, кој сепак успева да не одведе во светот на една бисерна обетка и да ни раскаже една приказна за еден сликар, но на толку различен начин од Коелјо и Марија во онаа сказна која не е за деца, онаа сказна за водењето љубов, напишана со толку прости зборови, што е просто засрамувачки за нешто толку важно. Помислував на бесчуствителното исклучување на Марија, на нејзиното постоење без чувства, па се прашував дали би можела да се исклучам толку лесно, па да не чувствувам ништо. Да го затворам срцето со истата таа леснотија со која таа го опишува единаесетминутното ширење на нозете. Но, солзите како и секогаш беа тука да ме потсетат дека јас не сум бразилката Марија, па ја затворив книгата со црвена корица. 

Ги затворив очите и насилно со сила вдушував од шумската миризба и насетував мирис на свежо наводенети лилии и на тазе уловена риба. Се чувствуваше и благата миризба на свежото сено и на боровите иглички над мене, но ништо од сето тоа не можеше да ми ги избрка мислите. Ништо не можеше да ми помогне. Лежејќи така, заборавав на времето, заборавав на се`, освен на него. Цел живот Лондон ми беше рајско прибежиште, а сега бегав од неговите улички исполнети со влага кои ми ги виткаа прамените во немирни кадрички и ми го затреперуваа срцето со секоја минута додека престојував во него.

–          Лајла! – како да начув, но гласот ми заличи на неговиот, па се обидов да ги избркам мислите со нешто друго.

Тревата веќе стануваше свежа, а лицето како да ми беше мокро. Па, наеднаш насетив како студени иглички по телото, на облеката и на очните капаци. Ги отворив очите и наместо сончеви зраци кои продираат низ боровите иглички, се најдов зјапајќи во мрачно небо, полно со дождени џамлии кои се побрзо паѓаа врз мене и се распрснуваа.  – Лајла! Што правиш овде? – се озвуче од зад мене. – Се спрема олуја, ајде да влеземе! – се стресов на зборовите, помислувајќи дека наеднаш се најдов во Лондон, но тоа беше само Дејна со Ли, нејзиниот германски овчар кој послушно одеше чекор со неа.  Ги собрав книгите и затрчав кон пансионот. Се` што слушав во тие грмежи беше шлапкањето на моите чекори додека трчавме кон влезната врата.

Грмењето беше се погласно, а дождот се претвори во град, се` покрупен и посилен. Дејна мораше да викне неколкумина од слугите да и помогнат да ја одвијат церадата околу стаклената соба, бидејќи  градот можеше да биде кобен и за стаклата и за растенијата кои толку убаво вирееја во собата. Се обидов да помогнам, но попусто. Тоа беше машка работа.

Залади – како да го урочив времето, како се` да се случуваше за мој инат. Се нагрнав со еден прекривач кој беше обесен на плетената дрвена фотелја во стаклената соба и побрзав во кујната додека сите не се беа вратиле. Ги пребарав старите креденци и си најдов симпатична шолја кој решив да си ја присвојам додека сум тука, исто како што правев дома, па си сипав од чајот од нане кој веќе вриеше на ринглата на старото ќумбе. Се завив уште повеќе и отпивав полека – голтка по голтка, замислено гледајќи кон прозорецот кој се затресуваше од градот и дождот. Како за беља, се` ме потсетуваше на Лондон, се` ме потсетуваше на нашите прошетки по дождот, на нашето мало кафуле во паркот на аголот, каде бегајќи од дождовните капки се засолнувавме.  Се замислив држејќи ја шолјата, топлејќи си ги прстите и се потпирав на пултот загледана во секавиците. Како молња помина малиот Габриел вртејќи се со хартиено авионче и ме разбуди од замисленоста. За момент кујната беше полна како и вообичаено, Рита – мајката на Габриел, влезе да зготви вечера за гостите, стариот Чарли седна во кошот обидувајќи се да поправи некој безнадежен чадор, а Ли влезе со Дејна душкајќи некои остатоци во неговото тањирче до вратата.

Се насмевнав и си заминав кон мојата соба. Спуштајќи го на масичката внимателно врелиот чај, седнав на креветот и мрзеливо наслонувајќи се, легнав. Забележав дека Дејна ми наместила чисти постелнини,но немав сили ниту да станам и да си облечам спаваќа, ниту да ја дувнам свеќата на поличката. Лежев во полуосветлената соба и ги наслушував молњите и татнежите кои како да свиреа некоја чудна мелодија. Не можев да заспијам долго, долго време, а и кога заспав како да бев во некоја бессона состојба. Ги слушав капките, налик на џамлии кои ломотеа по ќерамидите, по лилиите, по камениот под, по платнената церада околу стаклената соба и не ми даваа мир. Не се превртував затоа што бев премногу заморна од сите нови работи околу, но некако како да ги наслушував сите шушкања и постојано го слушав дождот.

Утрото кога ги отворив очите беше зачудувачки светло, па се исправив на лактите обидувајќи се да се сетам кога прекинало дождењето. За разлика од бурата вечерта, утрото беше сончево и суво, како да немаше ниту трага ни глас од синоќешната мрачна атмосфера. Дождецот и влагата како сосема да испариле и од секое скриено ќоше. Само слабиот мирис на дожд кој полека го снемуваше ме потсети дека вчерашниот ден не беше сон.

 

 

– Јаневска Марија, 2010

(извадок од книгата Белешките на Лајла Грејс)

2 comments on “Бегството во Дербришајр

  1. ednostavno mnogu mi se dopadna🙂 kazi mi del od kniga nekoja e?

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s

%d bloggers like this: